Точка интервју со Лејла Рамковска: „Во Club8 можеш сите свои грижи да ги оставиш настрана - можеш да си бидеш свој, без притисок да се докажуваш некому“

Точка

24/04/2023

21:40

70.273

Големина на фонт

а а а

Познатата јога инструкторка Лејла Рамковска неодамна отвори сопствен јога центар, кој го носи името „Club8“, а ексклузивно за Точка ги открива деталите.

Лејла, која е приказната што се крие зад отворањето на „Club 8“, во која животна фаза одлучи да отвориш центар за здравје и убавина во Скопје?

- Искуството од 6-годишна активна работа како јога инструктор и тоа на многу различни и прекрасни места во градот (за што сум многу благодарна на пријателите кои ми отстапиле свој простор), како и редовните онлајн часови во текот на цела корона, во еден момент почувствував дека сум спремна да го споделам своето знаење на едно место. Одлучив да отворам свој клуб, но не за себе, туку за многу млади инструктори кои не можат да си го пронајдат местото и каде ќе имаат слобода на креирање и изразување преку своите тренинзи, во апсолутно позитивен амбиент. Затоа Club8 и е толку шаренолик наизглед.

По што се разликува твојот јога центар од останатите, зошто дамите да го изберат „Club 8“ за ремоделирање на сопственото тело?

- Не би можела ниту би сакала да правам споредба во што се разликува. Можам само да кажам дека Club8 го одразува мојот карактер, а тоа е со начинот на подобрување на себеси, на разигран, интуитивен, разнолик, но одлучен и сигурен начин. Не сакам притисок или стрес во пристапот кон работење на себе. Пред сè, секој што ќе влезе кај нас, целта на мене, а и останатите инструкоти ни е да излезе поведар, попозитивен и порелаксиран.


На кој начин јогата помага во секојдневниот живот?

- Преку јогата пред сè подобро се запознаваш, што според мене е услов кон реализација на својот потенцијал, како умствен, така и физички. Така што, во секојдневието, трпението, разбирањето, самодовербата е поголема... И општо, односот кон себе и другите станува многу поквалитетен.


Кој сè може да посетува јога-часови, дали и лица кои се физички органичени поради здравствени проблеми можат да практикуваат јога?

- Преку консултација со јога инструкторите ги насочуваме кои јога часови се најприкладни за тој што е заинтересиран. Клубот е отворен за сите, без разлика на пол и години. Секој треба да се чувствува убаво и пријатно во своја кожа.


Што сè има во твојот „Club 8“?

- Во Club8 има неколку типови на јога, кардио и пилатес тренинзи. Но целта во рок на една година од отворање ми е да има што поразнолични типови на тренинзи.

Какви планови имаш со јога центарот?

- Целта ми е да охрабрам што повеќе нови/млади инструктори како и оние кои никако да си го најдат својот простор, да конечно започнат со свои тренинзи. Затоа, ги повикувам да не се двоумат и да ме исконтактираат и си го пронајдат своето место во Club8 со моја помош.


Каква е заинтересираноста за јога во Македонија, мислиш ли дека сме доволно едуцирани како нација на оваа тема?

- Заинтересираноста е се поголема и тоа ме радува, а секој што сака да се едуцира секако тоа го прави. Избор е во прашање.

Кој е твојот најважен совет што треба сите да го знаеме, поврзан со вежбањето јога?

- Мојот начин на излез од тешки моменти бил вртење на вниманието кон себе, будење на својата сила. Тоа било преку јога, што не значи дека за секој тој е есинствениот пат. Но, цврсто верувам во старата изрека, „Во здраво тело, здрав дух“. Мојот совет би бил - да не престанувате да експеримемтирате и менувате различни физички активности, сè додека не си го најдете она што ве прави подобар и поведар човек.


За крај, зошто сите физички неактивни лица (девојки и/или мажи?) треба „уште утре“ да станат дел од твоето Club 8 семејство?

- Затоа што во Club8 можеш барем на еден час сите свои грижи да ги оставиш настрана. Можеш да си бидеш свој без никаков притисок дека треба некому да се докажуваш. Имаме искрен и ведар пристап, затоа те чекаме да ти го подобриме расположението.

Автор: Цеце Николова
Фото: Приватна архива



Спонзорирани линкови

Маркетинг