Дина Јашари за Точка: „Во такви тешки моменти во животот, треба да ја прифатиме болката и да ја гушнеме тагата“

Точка

13/11/2020

22:35

71.183

Големина на фонт

а а а

Дина Јашари е млада, амбициозна пејачка, која храбро чекори по музичката патека. Јашари со себе носи тешка животна приказна, која ја преточува во ноти на кои никој не може да остане рамнодушен. Таа нуди поинаков звук, музика која отвора нови хоризонти во музичкиот свет на нашата скромна сцена. Уживајте во искрениот разговор со Дина - пејачка за која допрва ќе слушаме.

Дина, македонската јавност те запозна преку 'Кастинг талент шоу', а потоа твојата кариера започна да оди во нагорна линија. Кажи нѝ малку повеќе за твоите почетоци.

Отсекогаш сум сакала да слушам музика, во основно сфатив дека ми е интересно и да ја проучувам, истражувам, изведувам. Свирев во мандолинскиот оркестар во МКЦ на мандола, почнав почесто да пеам и да се пратам на гитара. Така природно почнав и да создавам музика и да пишувам текстови. Бидејќи сето тоа го правев од љубов, не се запишав во средно музичко за музиката да не ми стане обврска. Уживав во средношколските свирки, претстави и сите слични настани што се случуваа тогаш, а со тоа и сфатив со што сакам да се занимавам. Сега како студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, сметам дека сум ја направила вистинската одлука и во право време почнав да сум целосно посветена на музика.


Дел од јавноста те памети по твојата соработка со Ај Кју, кога беше нивен придружен вокал. Како дојде до таа спојка и што ти донесе истата?

Додека бев во средно школо, одев на часови пеење во Music House, музичкото училиште на Бојан. Така се запознавме, по неколку проби и разговори, ме поканија да бидам придружен вокал, мојот глас и енергија се вклопуваше супер во она што го правеа тие. Со нив ми беше прво бендовско искуство, имавме многу настапи, дружби, студио сесии... Еден поголем настан на кој што настапував со Ај Кју и најголемото музичко искуство за мене беше Евровизија.

21 година и дури 5 авторски песни. Со кого соработуваш, кој е тимот кој е заслужен за твоите уникатни музички нумери?

Луѓето со коишто работев низ годините се менувале, но тоа што останало исто сум јас. Како што спомнав, на почеток соработував со Бојан Ај Кју, со него ги направив „Вреди ли“ и „Дојди со мене“. „Последна минута“ е целосно мое дело, воедно првата песна што ја имам испродуцирано, потоа заедно со Драги Иванов ги направивме „Зборови“ и „Бои“. Соработката со Драги е беспрекорна, многу ми е мило што имам продуцент кој ме разбира и имаме слични визии за работите, така да, овој тим не би го сменила. 

„Бои“ е последната песна со која ги освои срцата на публиката. Што всушност се крие позади оваа 'шарена' композиција, од каде инспирацијата за неа?

Бои е израз на сето она што го чувствувам во овој период од животот. Зборувам за боите на личност што веќе ја нема, сакам да ги гледам, да останат и да траат. Се обидов да си ги средам мислите, ги претворив во стихови, ги искористив инструментите што ми беа при рака и направив демо снимка што ја однесов кај Драги. Процесот на создавање на песната траеше со месеци, Драги ме охрабри да ги допишам стиховите што почнав да ги пишувам и на крај заедно стигнавме до аранжманот што бои го доби. Многу ми е мило што се познава мојата искреност во песната и што тоа допира до луѓето.

Пред две години се соочи со страшна семејна трагедија, кога го загуби твојот татко. Што е она што успеа да те крене на нозе во моментите кога ти се распадна целиот свет?

Се држев за работите што ги знаев и што се дел од мојот идентитет. Се потпрев на најблиските, на музика и на молитва. Во такви клучни животни моменти најдобро знаеш да препознаеш што е она што вреди, кои луѓе се навистина тука за тебе и сите ситници што дотогаш ти биле проблеми ги забораваш. Сите мисли што ми надоаѓаа ги кажував на глас или ги пишував во стихови. Има нешто многу убаво во тоа болката да ја претвориш во некаква форма на уметност.


Каква порака би им испратила на сите оние кои поради неочекуванот тек на животните настани, не знаат како да продолжат понатаму?

Кога некој се соочува со тежок животен настан, многу е важно да не го игнорира тоа што му се случува. Да ја прифати болката, да ја "гушне" тагата и да го земе сето време на светот што му е потребно во тој период на тажење. Безразлика на која возраст ни се случуваат работи, животот продолжува без да не' праша како сме. Треба да го искористиме она што ни е дадено и да ги цениме моментите што ги имаме бидејќи не се многу. Да се фокусираме на студиите, професијата, луѓето околу нас, што и да е тоа што нè прави среќни, талентите што ни се дадени да ги искористиме максимално за да направиме нешто убаво од нив.


Болката да ја искористиме за да помогнеме на некој друг, а понекогаш е доволно и само да сочувствуваме и да бидеме тука за некој. 


Автор: Цеце Николова
Фото: Приватна архива



Спонзорирани линкови

Маркетинг