Некст тајм за Точка: „За сцените кај Кајмакчалан изнајмивме теренец возило, во еден правец возевме 4 саати“

Точка

03/05/2022

23:47

218.376

Големина на фонт

а а а

Близнаците Стефан и Мартин Филиповски неодамна ја објавија преработката на „Кога падна на Пирина“ - последна стара македонска песна во нивна изведба, која доби и видео запис. Публиката во Кино Милениум со громогласен аплауз го поздрави ова ремек дело од „Некст тајм“. Нивната преработка досега на Јутјуб брои над 200.000 прегледи.

По тој повод, денеска ви носиме искрен Точка разговор токму со Стефан и Мартин.

Што ве натера да ја создадете групата „Некст тајм“ и воопшто да запливате во музичките води?

Љубовта кон музиката и самодовербата дека имаме нешто поразлично да понудиме на публиката. Така размислувавме пред 14 години, сега пробуваме само да напредуваме и да се одржуваме на сцената.


Каде се гледате како „Некст тајм“ за пет години од сега?

Би сакале да излеземе надвор од границите на Македонија и да почнеме да изведуваме концерти и настапи и пред друга публика, онаа којашто немала доволно можност да нè види. Да продолжиме со креирање успешни песни и да реализираме големи концерти.


Што правите кога не се занимавате со музика?

Спортуваме, патуваме , се дружиме и шетаме кучиња.


По што се разликувате од останатите музичари во Македонија?

Тоа треба вие да ни кажете, не би било благодарно ние сами да одговориме на ова прашање. :)

Како изгледа креативниот процес при правењето на преработка на стара македонска песна?

Најпрво доаѓаме до идеја која песна да седнеме да ја сработим. Потоа, разговараме со Никола Мицевски во која насока да се движи аранжманот. Откако ќе го заврши првичното демо за песната, правиме некои корекции врз основа на тоа што ние мислиме нели музички, даваме сугестии, се официјализира демото. Одиме во студио, се снимаат вокалите и сите други инструмени, па кога ќе биде официјална аудио снимката почнуваме да мислиме на видеото. Најчесто ни треба по година до две сето ова да го финализираме.


Може ли да нѝ издвоите една интересна случка од зад камерите, за време на снимањето на спотот на „Кога падна на Пирина“?

За сцените кај Кајмакчалан изнајмивме теренец возило и се качивме 7,8 луѓе. Во еден правец возевме 4 саати, по камења и секакви препреки, за да успееме да стигнеме на време за снимање. И тогаш сфативме зошто Кајмакчалан не е многу искористен од уметничка гледна точка, затоа што пристапноста е многу тешка.

Дали ова е последна преработка на стара македонска песна од вас?

Ова не е последна преработка, за време на пандемијата спремивме цел албум за којшто ќе се организира исто така голема промоција и ќе имате можност да слушнете уште 4 непромовирани песни. Кога рековме ова е последно, мислевме на последна песна со видео запис од овој проект, но не знаеме иднината што ќе донесе, доколку сака пуликата уште, се разбира дека ние сме тука да го дадеме тоа што таа го сака.

Кој според вас идеалниот музичар со кој би сакале да соработувате и зошто?

Има многу квалитетни музичари во Македонија, еден од нив гостува со неговиот вокал во нашиот албум, ќе слушнете.


Кои светски музичари ви се репер и на кои нивни квалитети им се воодушевувате?

Има голем број на музички имиња на кои им се восхитуваме, тоа се дел од Рок музиката, Метал музиката, Блузот, Филмската музика и многу други.

Кое е омиленото место на коешто сакате да настапите и зошто токму тоа? 

Најголема желба ни е да направиме солистички концерт на Националната Арена Тодор Проески, со голема работа и упорност веруваме дека ќе успееме во своите соништа и цели.

Која е најголемата музичка ѕвезда на чиј концерт сте присуствувале како публика?

Guns n Roses, Bon jovi ,Iron Maiden, Bryan Adams Whitesnake...


За крај, што би им порачале на сите млади мотивирани дечки што сега започнуваат музичка кариера во Македонија?

Да бидат свои, да бидат уникатни и полни со самодоверба. Да не се разочаруваат доколку не успеат да бидат забележани, затоа што многу од забележаните не се и добри... Така што, со напорна работа, квалитетот секогаш ќе исплови на површина.


Автор: Цеце Николова
Фото: Приватна архива



Спонзорирани линкови

Маркетинг